Skip to main content
Магазин

Студија открива зошто зевањето е „заразно“

20/10/2024  09:29

Многумина претпоставуваат дека проѕеваме за да се обидеме да внесеме повеќе кислород во телото – така веруваат научниците долги години. Таа теорија, сепак, е отфрлена.

„Зевањето се состои од широко отворање на устата и максимално проширување на вилицата, проследено со длабоко вдишување и бавно издишување“, објаснува д-р Рејан Сагир од Велика Британија и додава дека овој секојдневен феномен сè уште не е целосно научно објаснет и разбран.

Најчудниот детал за проѕевањето е неговата „заразност“. Има многу студии на оваа тема, па има и некои објаснувања зошто мораме да зеваме кога гледаме како некој друг се проѕева. Објаснувањето лежи во психологијата, а постојат тврдења дека „само психопатите не зеваат кога тоа го прави некој друг во нивната околина“.

Многу луѓе претпоставуваат дека зеваме за да се обидеме да внесеме повеќе кислород во телото – така веруваа научниците до крајот на минатиот век, но по експериментите објавени во 1987 година, таа теорија беше отфрлена, бидејќи немаше докази за никаква корелација, пренесува realsimple.com.

„Како што се уморуваме, особено кога гледаме неинтересни или неинтерактивни повторувачки содржини како предавања, нашето тело го користи зевањето како средство за будење. Истражувањата покажаа дека ова е точно, бидејќи отчукувањата на срцето се зголемуваат по проѕевањето, достигнувајќи врв за 10 до 15 секунди“, вели д-р Сагир.

Зевањето е поврзано и со ладење на мозокот, поради што се проѕеваме почесто кога температурата се зголемува.

„Кога мускулите на лицето се опуштаат, тоа овозможува губење на топлина низ вените на лицето и влегување на ладен воздух, што помага да се намали температурата на мозокот“, пренесува 24sata.

Причината зошто зевањето е заразно е емпатијата

Според истражувачите, најверојатната причина зошто зевањето е заразно е емпатијата.

„Како што стареат луѓето го подобруваат својот психосоцијален и невролошки развој, па туѓото зевање станува еден вид знак дека и тие треба да зеваат. Овој феномен е познат како феномен на ехо, а се јавува и кај шимпанзата и кучињата“, вели др. Сагир и додава:

„Не е само зевање тоа што несвесно се копираме еден од друг“

На пример, секој ден автоматски, несвесно имитираме туѓи зборови (ехолалија) или постапки (ехопраксија), се со цел подобро да се вклопиме. Таквото однесување е сосема природно, бидејќи нашиот мозок е програмиран на тој начин – да ги копира луѓето со кои сме опкружени.

„Истражувањата покажаа дека зевањето предизвикува „огледални неврони“ во еден дел од мозокот, но овој одговор е ограничен на целосно развиен мозок. Како ментално здрави возрасни луѓе, нашиот психосоцијален развој ќе нè натера да зеваме кога некој друг го прави тоа. Кај луѓето кои не се развиени добро и правилно ментално, не се гледа заразното дејство на проѕевањето“, забележува британскиот лекар.

Ги „копираме“ зевањата на луѓето за кои се грижиме

Некои студии покажуваат дека децата, чиј мозок се уште се развива, зеваат само кога се уморни, но не и кога некој го прави тоа покрај нив. Освен тоа, студиите покажаа дека повеќе сме склони да го копираме зевањето кога тоа го прават луѓе за кои се грижиме, со кои сме блиски.

“На пример, ако некој член од семејството зева, поголема е веројатноста да зеваме отколку кога некој што не го познаваме зева. Ова се случува токму поради емпатијата кога несвесно сакаме да ги пресликаме постапките на саканите”, вели д-р Сагир.