Додека Плоштадот Македонија во центарот на Скопје е сиромашно украсен со стари веќе здодеани украси и со оскудна елка, другите градови низ Македонија ја живеат празничната магија.
Еден од тие градови е Струмица каде е очигледно дека локалната власт се потрудила новогодишната еуфорија да им ја доближи на граѓаните и на туристите.
„Струмица ги постави новите високи стандарди во Македонија, покажувајќи дека единствената Новогодишна бајка е кај нас и никаде на друго место! Градот блеска со најубавите украси, а атмосферата полна со насмеани деца и среќни луѓе. Градот го освежува духот на празниците, создавајќи магичен амбиент за сите посетители. Со секој светлосен ефект и новогодишен украс, Струмица е најубавата новогодишна дестинација во Македонија“ напиша градоначалникот Костадин Костадинов.
Струмица која е град веќе препознаен по Струмица опен фест, по концертна вечер на фестивалот ЕГЗИТ веќе прераснува и во посакувана дестинација за новогодишните и божиќните празници, како од домашните, така и од странските туристи.