Skip to main content
Македонија

Села до Груби: Повлечи се од политиката и соочи се со обвиненијата

09/12/2024  23:22

Лидерот на едното од крилата на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, ја поздрави одлуката на Стејт департментот за вклучувањето на Артан Груби, првиот вицепремиер, и судијата Енвер Беџети на црната листа на САД. Села побара од нив веднаш да се повлечат од своите политички и институционални позиции.

„Алијансата за Албанците продолжува да биде политички актер кој отворено ги осудува и јавно зборува за тесните врски меѓу судството, политиката и олигархијата. Одлуката на САД е јасна порака за борбата против корупцијата и за градење правна држава,“ изјави Села.

Тој ја истакна важноста на оваа мерка, оценувајќи ја како значаен чекор кон владеење на правото и демократијата. Според Села, корупцијата и злоупотребата на власта не само што ја уназадуваат земјата, туку ги поткопуваат и стратегиските партнерства со Соединетите Американски Држави.

„Ги повикуваме апострофираните да се повлечат од институционалниот и политичкиот живот, а како слободни граѓани да се соочат со обвиненијата против нив. Индивидуалната одговорност е камен-темелник на една модерна, непристрасна и демократска држава,“ додаде Села.

Алијансата за Албанците, како што посочува Села, ќе продолжи да биде лојален партнер на САД, споделувајќи ги заедничките вредности на демократијата, слободата и градењето на владеењето на правото.

Одлуката на Стејт департментот предизвика бурни реакции во јавноста, отворајќи нови прашања за состојбата во политичкиот и правосудниот систем на Македонија.