Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова помилувала осуденик кој пред девет дена учествуваше во пукање во Чаир, дознава „Скопје1“.
Според нивните информации, Акиф Равманоски од Арачиново на кого со потпис на Сиљановска-Давкова му се укина затворот и му се одреди условна осуда, бил дел од групата која пукала.
Ако се гледа хронолошки, пукањето во Чаир се случи на 15 октомври, а Сиљановска го потпишала помилувањето на 21 октомври. Тоа значи дека претседателката го ослободила Равмановски седум дена по вооружениот инцидент.
Рамадановски учествуваше во пукањето, додека се уште издржуваше затворска казна во „Идризово“ (за која е помилуван). Во моментот на пукањето, тој бил излезен од затворот бидејќи користел погодност – работен ангажман. Но наместо на работа, полицијата го лоцирала на местото каде се пукало. Равмановски по пукањето се врати во „Идризово“, од каде со полиција беше однесен во станица.
Како што и претходно објавивме, меѓу останатите помилувани се Владимир Талески, ексградоначалник на Битола, кому Сиљановска му скрати една година од затворот, а е осуден во предметот „Транспортер“. Делумно помилување доби и Марјан Ефремов, на кого му се скратени три месеци, а првообвинет во предметот „Шпион“.
Акиф Равмановски, јавноста го опишува како член на наркокланот „Барон“, а Шенол Маслани кој исто така е помилуван е брат на познатиот Шенки, кој во јавноста стана познат по опседнатоста со модниот бренд „Версаче“.
Во согласност со Законот за помилување, постапката за евентуално помилување на осудени лица од страна на претседателот започнува со поднесување молба за помилување до судот којшто ја донел првостепената судска одлука.
Молбата, заедно со потребната документација, судот ја доставува до Министерството за правда.
Според законски утврдената постапка, министерот за правда ги разгледува молбата и останатите документи, и дава свој предлог којшто го доставува до претседателот на Република Македонија.
Комисијата за помилување на претседателот на Република Македонија, како постојано работно тело во служба на претседателот, на редовни седници поединечно ја разгледува секоја пристигната молба за помилување заедно со предлогот на министерот за правда.
Комисијата, со мнозинство гласови од присутните членови, утврдува мислење односно предлог којшто го доставува до претседателот на Република Македонија.
Врз основа на мислењето на Комисијата, како и врз основа на предлогот на министерот за правда, претседателот на Република Северна Македонија донесува конечна одлука.
Одлуките на претседателот се јавни и се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“.