Речиси пет часа траеше долго очекуваниот Скрим фестивал кој во саботата (09 ноември), на едно место, во Арена “Борис Трајковски”, ги собра фановите на легендарните “Црвена јабука”, “Галија” и “Прљаво казалиште”. Арената беше претесна за да ги собере сите посетители кои и покрај студеното време и долгите часови останаа до крај и уживаа во музиката.
Спектаклот по неколку години пауза се врати на голема врата во Скопје и никако не ги разочара фановите, кои и по речиси пет часа уште беа желни за добра рок музика.
Скопје уште еднаш докажа дека знае што е квалитет, а докажа и дека музиката не брои години, па во публика можеа да се видат фанови од 15 до 80 и повеќе години. Дел од нив не биле ни родени кога се создавале најголемите хитови на овие екс-југословенски бендови, но тоа не ги спречи да играат, пејат и се забавуваат сите заедно во еден глас.
Најпрво свој концертен настап имаа “Црвена јабука”, кои според посетите во Македонија имаат најчести настапи, па веројатно токму затоа имаат и најмала минутажа на фестивалот. Тие го отворија фестивалот со своите песни, отпејаа неколку од своите најголеми хитови како “Има нешто од срца до срца”, ги разнежнија фановите со “Туго несречо” и завршија со македонската преработка на “Ако умрам ил загинам”.
Потоа на сцената се приклучија и групата “Галија” кои се задржаа малку подолго и ги испејаа речиси сите свои најголеми хитово, но секако очекувано најмногу аплаузи собраа со песната “Додирни ме”, која ја чуваа за крај.
Трети на сцената беа “Прљаво казалиште” кои иако излегоа на сцената нешто пред полноќ, веднаш ги размрдаа фановите и заедно со нив скокаа и танцуваа на сцената, како во нивната младост. Ги испејаа безвременските “Црно бјели свет”, со нивната најпозната балада “Ту ноч кад си се удавала” од далечната 1993 година, направија вистинска магија во арената, кога сите присутни направија големо ѕвездено небо, а завршија со веројатно најпеената песна од нивната кариера “Марина”, со што по еден бис на сцената, фестивалот официално заврши.
Наталија Јосифоска