Skip to main content
Македонија

Потребни се законски измени и меѓусекторска соработка за борба против родово базираното насилство на интернет

04/12/2024  15:24

Со цел да се обезбеди институционален одговор на родово базираното насилство на интернет и да се овозможи подобра заштита на жртвите потребни се измени во правната рамка и зајакнување на меѓусекторската соработка. Ова се дел од заклучоците на Анализата на законодавството за родово-базирано насилство на интернет, изработена како дел од проектот „Сузбивање на сексуалното и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“. Во анализата се наведува дека се потребни измени во Кривичниот законик како и Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејното насилство.

На презентацијата на анализата, помошникот министер за внатрешни работи Муамет Реџепи рече дека имајќи предвид оти со дигитализацијата се интензивира и сериозноста и размерот на родово базираното насилство во онлајн просторите, зголемена е и потребата од соодветен одговор, за преземање на конкретни активности од страна на Министерството за внатрешни. „Борбата против родово базираното насилство во дигиталната сфера, бара заедничка работа од страна на институциите, организациите, и сите нас како поединци. Клучни се едукацијата и подигнувањето на свеста за безбедноста на интернетот, како и посилни закони и механизми за заштита на жртвите“, потенцираше Реџепи.

Ана Чернишова, Заменичката постојана претставничка на УНДП во Северна Македонија, истакна дека не случајно настанот се одржува сега, како дел од иницијативата 16 дена активизам против родово базираното насилство. „Со поддршка на Република Кореја, УНДП презеде значајни чекори за зајакнување на националниот одговор на технолошки овозможеното родово базирано насилство. Во таа насока, работиме партнерски со Министерството за внатрешни работи, преку активности како што се обуки за полициски службеници и јавни обвинители, но и спроведување на кампањи кои имаат за цел да ги научат младите како да идентификуваат, спречат и пријават онлајн насилство.“

Според Неда Чаловска Димовска, авторката на Анализа на законодавството за родово-базирано насилство на интернет, постои правна рамка но потребно е дополнување, особено кај Кривичниот законик со цел целосно да са прифатат препораките на Истанбулската конвенција. Таа исто така кажа дека потребно е да се работи на градење капацитети за справување со овој проблем на полициските службеници, кадарот на судските институции, вработените во центрите за социјална работа и претставниците на Министерството за труд и социјална политика, демографија и млади со цел подобро да го разберат и да го препознаат ваквиот тип на насилство. „Академијата за судии и јавни обвинители треба да осмисли и да воведе обуки на оваа тема, како дел од почетната и од континуираната програма за судии и јавни обвинители“, рече Чалоска.

Анализата е достапна на следниот линк

Проектот „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“ УНДП го спроведува со финансиска поддршка на Министерството на финансии на Јужна Кореја.