Skip to main content
Свет

Полскиот премиер Доналд Туск ги посети воените утврдувања на границата со Русија, кај Калининград

30/11/2024  21:27

Полскиот премиер Доналд Туск денаска ја посети полската граница со руската енклава Калининград, каде го провери напредокот во изградбата на воените утврдувања на источната граница, јавија американските медиуми.

Посетата на Туск доаѓа еден месец пред Полска да го преземе ротирачкото претседателство со Европската унија. Полските власти наведуваат дека нивен приоритет е да ги повикаат Европејците да ја зајакнат својата одбрана. Некои европски лидери стравуваат дека идната администрација на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп би можела да биде помалку посветена на одбраната на Европа.

Туск, исто така, предложи Полска, северноевропските земји и балтичките земји да спроведуваат заеднички поморски патроли во стратешкото Балтичко Море.

Полската влада и војска годинава почнаа да го градат системот наречен Источен штит, што ќе опфати околу 800 километри долж полската граница со Русија и Белорусија.

-Колку подобро се чува полската граница, толку потешко им е пристапот на оние со лоши намери, рече Туск на прес-конференција во близина на селото Дабровка.

Полска следната година има намера да потроши 4,7 отсто од својот бруто домашен производ за одбрана.

Владата на Туск проценува дека „Источниот штит“ ќе чини најмалку 10 милијарди злоти (2,5 милијарди долари). Границите на Полска со Русија, Белорусија и Украина се најисточните надворешни граници и на Европската унија и на НАТО.

Туск рече дека очекува Источниот штит на крајот да се прошири за да ги заштити и малите балтички држави Естонија, Латвија и Литванија.