Парламентот на Јужна Кореја денеска во вториот обид му изгласа импичмент на претседателот Јун Сук-Јеол, поради неговата неодамнешна одлука за воведување воена состојба во земјата.
Предлогот за импичмент беше поддржан со тајно гласање од 204 пратеници во 300 члениот јужнокорески парламент.
Тоа значи дека Јун Сук-Јеол веднаш ќе биде суспендиран од функцијата, а премиерот ќе стане вршител на должноста, пренесува агенцијата Јонхап.
Првата иницијатива за импичмент против Јун Сук-Јеол, за прогласувањето воена состојба на 3 декември, беше отфрлена минатата сабота поради немање кворум, кога речиси сите пратеници од владејачката Партија на народна моќ (ППП) го бојкотираа гласањето.
За усвојување на предлогот беше потребно двотретинско мнозинство, за што беше неопходна поддршка од најмалку осум пратеници од ППП.