Skip to main content
Македонија

Од резултатот на локалните ќе зависи дали ќе има предвремени избори, вели Мицкоски

14/11/2024  21:13

Долга била седницата синоќа на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, која траела се до раните утрински часови. Информацијата ја соопшти лично партискиот лидер, Христијан Мицкоски, при што навести дека тема на состанокот, на најтеското партиско раководство, биле предвремените парламентарни избори.

„Еве вчера имавме долга седница на Извршниот комитет којшто траеше до раните утрински часови. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата секогаш се подготвени за избори. Ако се потребни парламентарни избори, можеме веднаш, да ги организираме. Ако тие речат црвен картон има Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, ако ги изгласаат градоначалниците на ДУИ и на СДСМ, тогаш пораката е јасна. Ние нема да ја игнорираме. Не сме СДСМ и ДУИ кои ја игнорираа пораката на народот за 2021 година и на сила беа во владата. Ние, таа порака нема да ја игнорираме, така што прв тест ќе бидат локалните избори, следната година“, рече Мицкоски.

Тој потенцираше дека доколу на овие избори победи ВМРО-ДПМНЕ, очекува од опозициските партии да се свртат кон самите себе, да се реформираат со нови луѓе и со нови програмски идеи и како што вели, „Да се најдеме на следните редовни парламентарни избори во 2028 година“.

Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ, била консолидирана и апсолутно функионална партија која можела да „истрча“ на терен во секое време, дека суштината била во испорачаното.

„Ние треба да испорачаме, што на вистинските херои им е потребно, а на нив им е потребно клима за да можат да водат бизнис, да инвестираат, да вработуваат луѓе, а со тоа да растеме како држава. Имаме избори локални следната година и граѓаните на тие локални избори ќе кажат дали се потребни парламентарни или не се потребни, рече Мицкоски на денешниот Бизнис форум „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“.

Тој се повика и на граѓаните, говорејќи дека анкетите покажале оти не сакале предвремени парламентарни избори.

„Дури има и такви минувачи што на улица ме среќаваат кои самите кажуваат дека повторно вас ќе ве гласаме, зошто да трошиме пари, дајте да испорачаме тоа што е сработено. Јас разбирам, сега некои од опозициските партии мислат дека на тој начин ќе привлечат поголемо внимание“, рече Мицкоски. 

Од друга страна пак, претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети на средба со граѓаните во Кичево најави дека во октомври следната година заедно со локалните ќе се одржат и воредни парламентарни избори.

„Христијан Мицкоски на седница за пратенички прашања излезе отворено и рече повелете да одиме на избори. Јас го држам за збор. Локалните и парламентарните избори ќе се одржат во октомври следната година, рече Ахмети“.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче рече дека партијата е подготвена за предвремени избори.

„Мнозинството граѓани не се задоволни од работата на Владата. Тоа што има најава за предвремени парламентарни избори, само неколку месеци по формирањето на Владата, е доказ дека на Владата не и оди најдобро“, рече неодамна опозицикиот лидер, Филипче.