Skip to main content
Македонија

Националните шуми во акција против дрвокрадци: Запленети камиони, трактори и нелегална сеча на дрва

24/10/2024  16:36

Во изминатите два дена, на територијата на цела Македонија беа спроведени заеднички акции на шумочуварските служби, Шумската полиција и Министерството за внатрешни работи (МВР). Кире Михаилов од ЈП “Македонски Шуми” на својот Фејсбук профил истакна дека овие координирани акции резултирале со значајни успеси во спречување на незаконска сеча и транспорт на дрва.

Во околината на Скопје беа фатени два камиони кои превезувале незаконски посечена и нежигосана дрвна маса, која веднаш била одземена. Во друга акција, во близина на селото Градовци, повторно беше откриена нелегална сеча на шумите, а дрвната маса беше конфискувана и складирана во складовите на ЈП “Македонски Шуми.”

Слични успеси се постигнати и во други региони, вклучувајќи ја подружницата „Лопушник“ во Кичево, каде што повторно беше конфискувано дабово огревно дрво. Во Крушево, два трактора полни со нелегално посечена букова дрвна маса беа одземени.

Најдраматичниот момент се случи во Струмица, на територијата на подружницата „Беласица,“ каде што дрвокрадците нападнале службени лица. За среќа, инцидентот заврши само со лесни телесни повреди. Против сите учесници во овие криминални активности ќе бидат поднесени соодветни пријави, а одговорните ќе бидат повикани на одговорност.

Михаилов истакна дека борбата со криминалот продолжува со уште поголема жестина и повтори дека ќе има нулта толеранција за криминалот и корупцијата во наредниот период.