Премиерот Христијан Мицкоски на прашањето за обврската на Македонија да ги внесе Бугарите во Уставот, јасно стави до знаење дека нема да дозволи Македонија да биде жртва на бугарските барања и дека нема да прифати уште една измама како со Преспанскиот договор. Во однос на очекувањата за уште еден негативен извештај од Европската комисија, Мицкоски истакна дека е свесен за блокадата од страна на Бугарија и дека нема да се откаже од националните интереси за да се влезе во Европската унија.
Премиерот критично се осврна на политиката на претходната влада, истакнувајќи дека нивните постапки довеле до сегашната ситуација.
За жал, таа егзибиција на Бујар Османи, на Маричиќ и Ковачевски во минатото ќе не следи цело време, рече Мицкоски.
„Тоа е факт. Никогаш не сме рекле дека тој факт ќе исчезне во еден момент. Прашањето е дали тоа ќе биде последната жртва која што граѓаните ќе треба да ја направат или на овој пат ќе има нови препреки. Ние не сме во овој процес влезени без да има јасно видлив крај. Се додека нема да видиме јасно видлив крај ние немаме намера ниту еден потег да правиме“, посочи Мицкоски.
„Првата наша фаза беше од позицијата тоа е тоа на маса до позиција дајте да бараме решение. Втората фаза е да имаме политичка влада кај нашиот источен сосед која што ќе може да земе и политичка одговорност. Често пати велат, ова се ситуации во коишто треба да најдеме решение ВИН ВИН, не можеме да најдеме ВИН ВИН решение. Не може двајца да победат. Тоа е невозможно. Овде ќе биде лус лус, односно секој по нешто да изгуби. Но, вака како што е претходно конципиран условно кажано францускиот предлог ние губиме се, а не добиваме ништо. Не мислиме ние да влеземе во процесот и после шест месеци, година, две или три повторно некое прашање од средниот век нас да ни биде пречка за да можеме да влеземе во 22 век. Тоа нема да го дозволам додека јас сум претседател на Владата“, дециден е премиерот.
Мицкоски рече дека кога ќе дојдат медиокритети и егзибиционисти какви што имавме изминативе седум години во политиката можеби тие би прифатиле се’ на сметка на подлабокиот нивен приватен џеб.
„Мојот интерес додека сум јас претседател на Владата е интересот на граѓаните. Се додека 75-80 проценти од граѓаните велат не така – вака, јас тоа морам да го почитувам и ќе го почитувам“, нагласи Мицкоски.