Најмалку 31 лице загина при воздушен напад на суданската армија врз џамија во градот Уад Мадани, централниот дел на Судан, соопшти локална продемократска организација, пренесува БТА.
Судан од април 2023 година е зафатен од граѓанска војна помеѓу паравоените Сили за брза поддршка (СБП), предводени од генерал Мохамед Хамдан Дагало, познат како „Хемети“, и армијата предводена од генерал Абдел Фатах ал Бурхан, фактички лидер на земјата.
Нападот се случил по вечерната молитва во Вад Мадани, град во сојузната држава Ал Џазира, јужно од главниот град Картум. Комитетот за отпор на Вад Мадани, продемократска организација која координира помош меѓу граѓаните, соопшти дека повеќе од половина од жртвите не се идентификувани, а спасувачите се обидуваат да ги идентификуваат десетиците изгорени и осакатени тела.
Организацијата ја обвини армијата дека користела варели полни со експлозиви при нападот.
Воени судири се водат и во државата Ал Џазира, која е под контрола на паравоените сили од крајот на 2023 година.
Обвиненијата за воени злосторства се однесуваат на двете страни, бидејќи се нападнати цивили и се блокира хуманитарната помош за жртвите од конфликтот кој, според ОН, досега предизвика смрт на десетици илјади луѓе и раселување на повеќе од 10 милиони лица.