Skip to main content
Македонија

Локалното новинарство во фокусот на осмото издание на Медиумскиот фестивал Скопје

26/11/2024  08:02

Осмиот Медиумски фестивал Скопје ќе се одржува од денеска до 28 ноември во мултимедијалниот простор Котур, во организација на Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА. Оваа година, како што посочуваат организаторите, фестивалот е посветен на основната градбена клетка на новинарството – локалното известување. 

Фестивалот ќе започне со дискусија на тема „Моќта на локалните гласови и новинарството на локално ниво“, на која ќе се разгледаат предизвиците и улогата на локалните медиумски работници, како и проблемите со кои тие се соочуваат. 

Филмската програма ја отвораат документарците „За весникот” на добитничката на наградата „Еми“, Хедер Кортни, и „Лош печат”, преку чии примери се отсликува судбината на безброј локални весници ширум светот. На вториот фестивалски ден ќе бидат прикажани „Залутани тела”, за принудниот т.н. медицински туризам во Европа и „Небото над Зеница” за погубното загадување во Босна. Фестивалот го затвора „Промена на вестите”, за дигитална платформа создадена како обид да се разбие едноличната машка доминација во редакциите во САД.

Медиумски фестивал Скопје традиционално ги разгледува и предизвиците со кои се соочуваат жените во медиумската сфера во земјава, годинава преку дискусија за солидарноста и градењето заедница меѓу жените во медиумите.

Третиот фестивалски ден е фокусиран на учеството на младите во медиумите, започнувајќи со работилница за фото-новинарство каде на младите новинари ќе им биде претставена моќта на визуелните приказни. Дискусија за како да се поттикне вклучување на младите во новинарската професија ќе следи веднаш по прикажувањето на два кратки документарни филма изработени во рамки на Програмата за млади новинари на ПИНА.

Фестивалските содржини се бесплатни.