Skip to main content
Македонија

Костадинов: Општина Струмица е подадена рака на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства

27/11/2024  14:37

Денес во Повеќенаменскиот социјален центар во општина Струмица, во организација на СОС Детско Село – Скопје,  се одржа настанот „Да ги направиме социјалните услуги достапни во заедницата – Отворање на Подрачното оддление на центарот за поддршка на згрижувачки семејства, Струмица”.

На настанот присуствуваше градоначалникот Костадин Костадинов,  кому од страна на организаторите му беше врачена Благодарница за несебичниот влог во успешната соработка меѓу  СОС Детско Село и Општина Струмица.

Обраќајќи се пред присутните и заблагодарувајќи се на признанието, градоначалникот Костадинов во својот говор, меѓу другото, истакна: „Зборовите „дом” и „семејство” се едни од најтоплите зборови во сечиј вокабулар, зборови кои имаат непроценливо значење. Постои своевидна симбиоза помеѓу нив, нераскинлива врска која се подразбира, или барем треба да се подразбира. Дом и семејство му се потребни на секој од нас, а особено на децата кои растејќи сонуваат разни соништа за убава иднина. Таа иднина тие ја заслужуваат. За жал, постојат деца кои, ни криви ни должни,  се без родителска грижа, без можност да сонуваат убави сониша, во услови кога тие соништа за иднината им се ускратени од јавето на сегашноста. За среќа, постои Центарот за поддршка на згрижувачки семејства СОС Детско Село, кој постојано презема низа грижливи  ангажмани за развивање на мрежа на згрижувачки семејства низ целата држава, па така и во југо-источниот регион и во нашата општина.  Ние, како Општина Струмица сме подадена рака на Центарот за поддршка на згрижувачки семејства, и така ќе продолжиме и во наредниот период”.

Во рамките на настанот беше одржана и Панел дискусија на тема „Заеднички сили за подобра грижа”.