Skip to main content
Свет

Кина повика на деескалација по извештаите за севернокорејски трупи во Русија

21/10/2024  11:40

Кина се надева дека сите страни ќе работат на деескалација на ситуацијата, по извештаите за присуство на севернокорејски војници во Русија, изјави денеска портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.

Како што пренесува Ројтерс, кинескиот функционер ова го изјавил како одговор на обвинувањата од Јужна Кореја дека Северна Кореја испратила војници во Русија за да учествуваат во конфликтот во Украина, што го потврдија и неколку други извори.

Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја претходно објави дека 1.500 севернокорејски војници биле испратени во Русија на воена обука, по што ќе бидат распоредени во Украина, додека јужнокорејските медиуми претходно објавија дека Северна Кореја ќе испрати вкупно 12.000 војници да се борат во Украина.