Skip to main content
Македонија

К-15 на време или казни: Што треба да знаат работниците и работодавците?

07/12/2024  14:42

Компаниите и јавниот сектор имаат обврска до крајот на месецов да им исплатат регрес за годишен одмор (К-15) на своите вработени. Според законските одредби, вработените во администрацијата ќе добијат најмалку 11.000 денари, додека во приватниот сектор овој износ изнесува околу 16.800 денари, што претставува 40% од просечната плата исплатена во последните три месеци.

Исплатата на К-15 треба да се заврши најдоцна до крајот на календарската година. Основен услов за добивање на регресот е вработениот да има најмалку шест месеци непрекинат работен стаж кај ист работодавец во тековната година. Дополнително, право на регрес имаат и работниците што ја смениле работата, под услов да имаат половина година непрекинат стаж во истата компанија пред промената.

За работодавците што нема да го испочитуваат овој закон, предвидени се високи казни. За компаниите, глобата изнесува од 2.000 до 3.000 евра, додека за одговорното лице таа е од 500 до 1.000 евра.

Посебно се предвидени санкции за работодавците кои бараат од вработените да им ги вратат исплатените средства. За оваа практика, Законот предвидува затворска казна од три месеци до една година.

Со оглед на строгостите на законските мерки, регресот за годишен одмор е обврска која компаниите и институциите мора сериозно да ја почитуваат, со цел заштита на правата на вработените и одржување на правната регулатива.