Иранските власти планираат да отворат посебни клиники за жените кои одбиваат да носат хиџаб на јавни места, каде ќе им биде пружена психолошка помош.
Како одговор на голем број барања од семејствата, Техеран, благодарение на консултациите и поддршката на персоналот ќе ја отвори првата Клиника за помош и лекување на жените кои не сакаат да носат хиџаб. Во клиничките центри жените, кои одбиваат да ја покријат главата со хиџаб, ќе им биде пружена помош, за да се убедат да се вратат кон традиционалната исламска покривка за глава, се наведува во соопштението на иранските власти.
Жените ќе се лекуваат во така наречените Клиника за одвикнување од соблекување на хиџабот, а процесот ќе го надгледува Штабот за уживање во доброто и забранување на злото.
Отворањето на клиниките е спротивно на предизборното ветувањето на претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан дека ќе ја спречи така наречената Иранска полиција за морал да ги вознемирува жените. Но, главен авторитет во Иран е врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, кој тврди дека „откривањето (на делови на женското тело) е забрането и верски и политички“.
Отворањето на клиниките има за цел да одговори на бунтот „Жена, живот, слобода“ што почна по смртта на Махса Амини во 2022 година.
Амини (22), Иранка со курдско потекло почина во болница на 16 септември 2022 година, три дена откако беше уапсена од припадници на Иранската полиција за морал поради непочитување на строгиот ирански кодекс на облекување и одведена во „центар за превоспитување“ каде беше претепана. Таа беше приведена бидејќи неправилно го носела хиџабот односно и се гледала косата.
Нејзината смрт предизвика повеќемесечни протести, кои се претворија во повици за бунт против ајатолахот Хамнеи и теократската Влада. Протестите се одржуваа под мотото „Жена, живот, слобода“. Во задушувањето на протестите загинаа над 500 луѓе, а повеќе од 22.000 беа приведени.
Независна меѓународна мисија за проверка на факти на Обединетите нации за Иран на 18 март годинава објави дека смртта на Амини е незаконска и предизвикана од насилство.
Пред одбележувањето на двегодишнината од смртта на Амини голем број Иранки излегуваа на улица без хиџаб во знак на пркос.
На 2 ноември на Исламскиот универзитет Азад беше приведена Ахо Дарјаи откако во знак на протест шеташе по долна облека.
Портпаролот на Универзитетот Азад тогаш изјави дека Дарјаи страдала од „ментално растројство“ и е пренесена во „психијатриска болница“. Додека иранските медиуми објавија видео од маж со заматено лице, кој тврдеше дека е поранешен сопруг на Дарјаи и ја замоли јавноста да не го споделува видеото поради нејзините две деца.
Сè уште е непозната судбината на Дарјаи.