Skip to main content
Музика

Драган Б. Костиќ го најави својот “Последен танц”, но за жал во МРТВ не е зачувана ниту една снимка од неговата “Диско селектор”

21/11/2024  21:06

Со музичкиот настан насловен “Последниот танц” (“Last Dance”), легендарниот радио водителот и диџеј Драган Б. Костиќ ќе ја одбележи својата сјајна 50 годишна кариера на 29 ноември во спортскиот центар „Јане Сандански“ во Скопје.

Организатор на настанот е “Авалон продукција”, од каде велат дека не би застанале позади овој проект доколку тој не е квалитетен и се коси со нивните принципи за квалитетна музика, па така денес заеднички одржаа прес конференција со новинарите на која ги истакнаа сите детали за настанот.

Како што истакна и легендарниот водител, ова нема да биде последен проект во неговата кариера, туку ќе биде последен во овој облик, на голема сцена, бидејќи како што вели поубаво ја дели енергијата со помал круг на луѓе и тогаш повеќе може да ја искаже својата љубов кон музиката. Вели сака да дојдат сите, семејства со нивните деца, бидејќи ќе има музика за сите, сите ќе можат да се пронајдат во музиката од ’70-ти, ’80-ти, ’90-ти и така натаму.

Преку неговата емисија “Диско селектор” вели не сакал да се стекне со популарност туку да и покаже на публиката, а особено на помладата генерација што е квалитетна музика.

Емисијата започна со емитување на 29 јуни 1974 година, официјално на Македонското радио, а токму поради неа тој дури барал да го продолжи работниот стаж за две недели, за емисијата да може да ја заврши на истиот датум, 29 јуни 2014 година.

– Се обидував што е можно повеќе, врз основа на сопственото искуство, кое од година во година стануваше сѐ поголемо, на луѓето, особено на помладите, да им покажам што е квалитетно, што е добро. Знам дека со вкусовите нема играње, секој има право на сопствениот вкус, но ако некој со искуство ти каже – ова не е така лошо, послушај го, можеби ќе научиш нешто – и ако послуша, значи јас сум оној кој добил покрај него, истакна Костиќ.

Сепак, со жалење, Костиќ истакна дека во неговата матична куќа, Македонското радио, нема зачувана ниту една снимка од неговата легендарна емисија “Диско селектор”, но најави дека во блиска иднина планира на нов веб портал да ги постави како еден вид на поткаст, сите негови емисии, за граѓаните во секое време да можат да ги преслушаат и да уживаат во музиката.

Бројките доволно зборуваат за неговата плодна 50 годишна кариера, но за него важно е она што тој сакал да го пренесе, а секако да се успее во тоа воопшто не било лесно и едноставно, особено во тоа време.

-Бидејќи 50 години сум во оваа сфера, па секоја бројка изгледа многу голема. Кога ќе кажеш 14.000 емисии луѓето не можат сфатат што е тоа. Тоа се 14.000 изведбени часови, во траење можеби се и 16.000, па пресметајте колку тука има работа за да биде пренесена, нагласи Костиќ.

И додека во Македонија можеби не е потполно ценета неговата работа, надвор од неа со сигурност е. Како што истакна самиот тој за неговата посветеност во работата од официјалната Англиска топ-листа има добиено плакета со заслуга за ширење на англиската музика, која лично тие му ја доставиле овде во Македонија, откако дознале за неговите книги “1981” и “Заборави ако можеш” и побарале превод на англиски јазик.

На настанот Драган Б. Костиќ планира на публиката да и подели и неколку од неговите зачувани пишани изданија на “Диско селектор”, кои во тоа време се издавале на македонски и српски јазик, за македонската и југословенската публика.

Наталија Јосифоска