Skip to main content
Скопје

Додека Скопје чека автобуси, Арсовска чека аплаузи во Бразил

21/11/2024  16:13

Додека Скопјани минатата недела мрзнеа на автобуските постојки чекајќи ги непостоечките автобуси, градоначалничката Данела Арсовска одлучи да ги подари своите „експертски совети“ на светот. Од 14 до 17 ноември, таа беше во Бразил, учествувајќи на состанокот „Urban 20“ во рамките на Г-20, каде со ентузијазам дискутираше за климатските промени и човековите права.

И додека климатските промени се глобален приоритет, Скопје во нејзино отсуство се бореше со „локалните климатски предизвици“ – минусните температури на постојките и хаосот во јавниот превоз. Во меѓувреме, автобусите на ЈСП сообраќаа со минимален капацитет, а Скопје, како за бонус, повторно се искачи високо на светската листа на најзагадени градови.

Граѓаните разбирливо се прашуваат: дали спасувањето на светот навистина не можеше да почека? Наместо да се занимава со катастрофалната состојба дома, Арсовска остана недостапна за јавноста, без никаква транспарентност за своето „еколошко мисионерство“.

Советот на Град Скопје се обидува да спасува што може, закажувајќи вонредна седница за јавниот превоз, додека Владата најави „итни мерки“ за обезбедување гориво. А граѓаните? Тие останаа со единствена опција – да пешачат, загревајќи се додека Скопје замислено се модернизира.

Зошто да се решаваат локалните проблеми кога глобалните звучат повозвишено? – можеби е новото мото на Скопје, на кое Арсовска, како што изгледа, работи на полна пареа.