Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, остро ја критикуваше одлуката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), според која Судскиот совет треба да ги повлече своите двајца членови од Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители. Според Дамева, оваа одлука претставува директен упад во независноста на судската власт.
На гостувањето во Топ Тема на Телма, таа објасни дека одлуката на Судскиот совет за назначување членови во Управниот одбор била транспарентна, но обвини дека ДКСК не го известила Советот за седницата на која се расправало за тоа. „Не само што не побараа аргументација, туку Судскиот совет не беше ниту повикан да го изрази својот став,“ истакна Дамева.
ДКСК тврди дека назначувањето е незаконско, бидејќи законот предвидува членовите на Управниот одбор да бидат активни судии. Дамева, сепак, смета дека најрационално и ефикасно е тие да бидат од редот на членовите на Судскиот совет, кои имаат поголемо познавање на профилите на судиите.
Во однос на недостигот на судии, Дамева укажа на потребата од законски измени и подобрување на условите за работа на Академијата за судии и јавни обвинители. Таа предложи зголемување на бројот на судии што Академијата може да ги обучува годишно, како и враќање на старосната граница за избор на судии.
На прашањата за нејзина наводна политичка поврзаност, Дамева децидно одговори дека негува блискост само со своите пријатели, соседите и семејството, а не со политички фигури, и дека не дозволува никакви политички влијанија врз својата работа.