Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ денеска и утре ја организира 19-тата годишна конференција.
Темата на конференцијата денеска е „Вештачката интелигенција наспроти работната сила – преку адаптација до иновација“, а утре темата е „Практична примена на вештачката интелигенција во медицина, фармација и стоматологија“ која се организира во соработка со Адвокатска канцеларија Најденовски, коорганизатор на настанот за вториот ден.
-Конференцијата ќе опфати богата и висококвалитетна програма исполнета со бројни истакнати говорници кои преку клучни предавања, панел-дискусии и презентации ќе ги пренесат своите експертски знаења и искуства од областа на вештачката интелигенција, соопшти МАСИТ.
Во воведниот дел од 19-та годишна конференција на МАСИТ најавени се обраќања на Анета Пешева, претседател на Собранието на МАСИТ, Тимоти Онг, директор на Канцеларијата за економски раст на УСАИД, и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.