Општина Центар во соработка со берберниците Rera, Mr.Barber, Popeye, Cimer и Tose Stance кои работат на територија на општината, во среда, 18 декември организираат голема хуманитарна акција „Се шишаме и донираме” за да донесе радост онаму кадешто е најпотребно во пресрет на новогодишните празници.
Сите мажи кои на овој ден ќе се шишаат или бричат во некоја од овие пет берберници паричните средства што ќе ги платат како услуга ќе ги донираат во хуманитарни цели.
„Ги поканувам сите скопјани да бидат дел од оваа убава хуманитарна иницијатива која ќе биде надеж за нечиј живот. Центар е солидарна општина која се грижи за сите граѓани, ајде заеднички да создадеме подобри услови за оние на кои им е потребна нашата поддршка. Во пресрет на новогодишните празници хуманоста нека нѐ зближи”, истакнува Герасимовски.
Акцијата ќе трае во текот на целиот ден и е отворена за сите оние кои сакаат да придонесат за доброто на својата заедница.