Skip to main content
Балкан

Во Србија во училиштата се зголемува бројот на македонски ученици кои го изучуваат македонскиот јазик

19/10/2024  17:48

Од 2012 година кога во основното училиште „Гоце Делчев“ во Јабука се запишаа првите пет македонски ученици да го изучуваат изборниот предмет Македонски јазик со елементи на националната култура, до денес нивниот број е зголемен на над 300 запишани деца во 10 училишта во девет населени места ширум Србија. Со ова тие ја остваруваат законската можност што ја имаат во Србија, да го изучуваат македонскиот јазик, културата и историјата, јави дописникот на МИА од Белград.

Овие и други податоци денеска беа презентирани на состанокот во Белград организиран од Македонскиот национален совет, на темата „Образованието на македонски јазик во Србија“, на кој за прв пат беа собрани македонски наставници кои го предаваат изборниот предмет Македонски јазик со елементи на националната култура.

Многу е битно учениците да го изучуваат македонскио јазик, да ја изучуваат националната култура бидејќи така се чува идентитеот, традицијата и нитката со македонската држава, изјави претседателката на Македонскиот национален совет на македонското национално малцинство во Србија, Зорица Митровиќ.

Таа посочи и дека се соочуваат и со проблеми.

Ни фалат учебници што ги обезбедува Р.Србија и ни е потребна поголема институционална подршка од Македонија, и во вид на учебници, како и на наставни помогала и дополнителни средства за да можат наставниците поквалитетно да ја изведуваат наставата, изјави претседателката на Македонскиот национален совет, чија законска обврска е и образованието на Македонците во Србија.

Директорката на ОУ „Бора Станковиќ“ од Богоевац, општина Лесковац, Татјана Гавриловиќ изјави дека во нејзиното училише македонскиот јазик го учат 70 ученици во 9 групи, од прво до четврто одделение.

Децата во нашето училиште имаат желба и воља да го учат македонскиот јазик, им се допаѓа јазикот и културата. Од година на година расте нивниот интерес и се надеваме дека ќе го оджиме волку големиот број на деца и во иднина, изјави Гавриловиќ.

Изборниот предмет Македонски јазик со елементи на националната култура во Србија се учи во основните училишта во Јабука, Пландиште, Качарево, Богојевце, Гудурица, Хајдучица, во Нови Сад, Вршац и најмногу во Лесковац, каде 122 деца го учат овој предмет во две училишта.

Во тек се активности да отвориме група и во трето основно училиште, се надебваме дека овој број ќе расте и дека и нашите внуци ќе го изучуваат јазикот на нашите претци, изјави Маре Каранфиловиќ од Лесковац, претседателка на одборот за образование на Македонскиот национален совет во Србија.

На состанокот на македонските наставници, м-р Ивана Станковиќ од Лесковац ја посочи потребата од обнова на Катедрата за македонски јазик на Белградскиот универзитет, како место каде би се профирирал потребниот наставен кадар, кој е дефицитарен во цела Србија.