Властите во Белгија следната година започнуваат информативна кампања за да ги подготват граѓаните за дејствување во случај на криза, објавија локалните медиуми. Целта е општеството да биде поотпорно и луѓето да знаат како да бараат засолниште, да се евакуираат и што да прават во случај на итност.
Објаснето е дека кампањата е поврзана со војната во Украина, други геополитички конфликти низ светот и зголемената фреквенција на природни катастрофи како неодамнешните поплави во Шпанија.
„Потребен ни е сопствен план и не можеме за се да се потпреме на владата, изјави во оваа прилика министерката за внатрешни работи во заминување“, Анелиз Верлинден.
„Нема причина за паника, но мора да имаме култура на ризик“, се вели во соопштението на белгискиот кризен центар.
Пред еден месец беше објавено дека властите во Белгија подготвуваат план за справување со кризи поврзани со заканите од Русија. Беше појаснето дека земјава има само неколку засолништа во случај на воен напад и повеќето од нив моментално се неупотребливи.
Портпаролот на националниот кризен центар истакна дека Белгија добила насоки од НАТО за подготовки, вклучително и обезбедување на активностите на државните власти во случај на прекин на струја, за непречено снабдување со храна и за активности во случај на потреба од евакуација на Брисел и Антверпен.