Универзитетскиот професор Ванчо Узунов ја критикува владата за отсуство на вистински развојни политики и структурни реформи. Според него, лошите прогнози на Светска банка и ММФ не се изненадувачки, особено кога Владата се фокусира само на кадровски промени и покачување на пензиите, наместо на реални економски мерки.
„Војната на Блискиот Исток и во Украина, заедно со рецесијата во Германија, несомнено влијаат врз нашата економија. Но, уште поголем проблем е што Македонија нема план за развој. Владата мора да се насочи кон структурни реформи, привлекување странски инвестиции и поддршка на домашното производство. Покачувањето на пензиите и задолжувањето од Унгарија не се мерки кои ќе го забрзаат економскиот раст,“ изјави Узунов.
Тој истакнува дека државата треба да се насочи кон инвестиции во иновации и технолошки развој, наместо да продолжува да дава субвенции за сектори кои немаат потенцијал за извоз.