Skip to main content
Свет

Анкета: Предноста на Камала Харис пред Трамп се намали на еден процент

30/10/2024  09:03

Предноста на демократскиот кандидат на претседателските избори во Соединетите Американски Држави, Камала Харис, е намалена на еден процент во однос на републиканскиот ривал Доналд Трамп и сега има 44 отсто поддршка наспроти 43 отсто поддршка за Трамп, според анкета на Ројтерс/Ипсос објавена вчера.

На прашањето кој од двајцата кандидати има подобар пристап кон економијата, невработеноста и работните места, 47 отсто од гласачите го избрале Трамп, додека 37 отсто го кажале истото за Харис.

Околу 48 отсто од гласачите во ова истражување изјавиле дека го поддржуваат пристапот на Трамп кон имиграциската политика, додека нешто повеќе од 33 отсто од испитаниците се согласуваат со Харис за ова прашање.

Околу 40 отсто од гласачите во анкетата рекоа дека Камала Харис има подобар пристап во справувањето со политичкиот екстремизам и заканите по демократијата, во споредба со 38 отсто од оние кои го избраа Трамп.

Во претходното истражување таа водеше со седум процентни поени во споредба со Трамп кога станува збор за екстремизмот.

Оваа анкета, во која беа опфатени 1.150 возрасни Американци, меѓу кои и 975 регистрирани гласачи, покажа дека Доналд Трамп има значителна предност пред Харис за неколку прашања кои гласачите ги сметаат за клучни, пишува Ројтерс.

Изборните гласови во седум клучни држави, вклучувајќи ги Северна Каролина, Пенсилванија, Мичиген, Висконсин, Невада и Аризона, се очекува да го одлучат исходот од изборите.