Skip to main content
Балкан

Анкета на КОМС во Србија: Младите најмногу му веруваат на патријархот на СПЦ

04/12/2024  12:05

Младите во Србија имаат најголема доверба во Патријархот на СПЦ, Порфириј, додека на второ место е министерот за туризам и млади, Хусеин Мемиќ, пред претседателот на Србија, Александар Вучиќ, покажа истражувањето на Кровна Организација на Младите на Србија (КОМС).
Кога се гледаат просечните оценки, при истражувањето спроведено од април до мај годинава, патријархот Порфириј добил 2,39, Мемиќ 1,42, а Вучиќ 1,36, пренесе Бета.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ доби оценка 1,33, а младите имаат најмалку доверба во претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ, која доби просечна оценка 1,24.

Сите функционери годинава, со исклучок на Вучевиќ, кој лани не беше оценуван, добија пониски оценки.

Кога станува збор за институциите, младите најмногу веруваат во научниците и науката (оценка 3,15), потоа во војската на Србија (2,82), црквата (2,6) и невладините (2,39).

Најниска доверба има претседателот Вучиќ (1,38) и политичките партии (1,37).

Младите го гледаат (не)функционирањето на демократијата како најголем проблем во Србија (47,6), потоа корупцијата и криминалот (46,9), а потоа националните прашања како Косово, ситуацијата во регионот и надворешната политика (41,4 проценти).

Најмали проблеми кај младите се евроинтеграциите (19,6 отсто) и справувањето со минатото (20,5 отсто).