Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Белград, Кристофер Хил изјави дека Србија со потпишувањето на договорот за реализација на проектот за самобалансирана соларна централа испратила силен сигнал до американските енергетски компании.
Тој истакна и дека постои интерес за физибилити студија на реката Дунав за хидроенергетски проекти.
-Немам конкретен проект на ум. Сакаме да направиме пред-проектни студии за реката Дунав, поврзани со т.н пумпно складиште, што би бил многу голем проект за Србија. Но, генерално, мислам дека Србија е подготвена за чиста енергија и мислам дека ќе видиме многу напредок во следната година, изјави Хил.
Според американскиот амбасадор во Белград, потпишувањето на овој стратешки енергетски договор е многу важно.
-Тоа беше многу силен сигнал до американските енергетски компании дека Србија е заинтересирана повеќе да работи со нас. Второ, потпишувањето на овој инженерски договор со UGT Renewables и Hyundai беше исто така многу важен знак дека Србија е навистина заинтересирана работите да се случат, рече Хил.
Договорот за реализација на проектот за изградба на самобалансирани соларни централи во Србија, кои ќе обезбедуваат еден гигават новоинсталирани капацитети преку соларни панели, беше потпишан со конзорциум компании во средината на октомври.
Амбасадорот на САД во Србија изрази уверување дека иднината на регионот на Западен Балкан е многу подобра од неговото минато и дека сите земји од Западен Балкан треба да бидат членки на Европската унија.Хил на 24. економски форум во Белград истакна дека е потребно да се почитува минатото и историјата и да се учи од нив, но и да се види „каде можеме да продолжиме“.
-Она што сите треба да го прифатиме е дека проширувањето на ЕУ не е лесен процес, рече тој.
Хил, исто така, рече дека ги видел резултатите од некои истражувања во земјите-кандидати и дека општо мислење е дека луѓето сметаат оти веќе предолго чекаат.