Skip to main content
Балкан

Албанската полиција откри лабораторија за преработка на кокаин внесен од Латинска Америка

16/11/2024  17:54

По истрага покрената во 2023 година, албанското специјално обвинителство против организиран криминал и корупција, СПАК, во Ќерет, Фуш Краја, откри лабораторија каде што се преработувал кокаин прошверцуван од Латинска Америка.

Уапсени се 10 лица, меѓу кои седум Албанци, еден од Колумбија и двајца од Венецуела. Истрагата на СПАК утврдила дека странците ја подготвиле инфраструктурата за преработка на кокаин донесен од Латинска Америка.

Според СПАК запленети се 48 тони, односно околу 850 кожи во кои се сомнева дека се топел кокаин, околу шест килограми кокаин, како и мешалки и раствори кои би послужиле за процесот. Меѓу одземените докази се и 57 милиони колумбиски пезоси и 36 илјади евра.

Групата со претходни врски со други лица на шверцот со дрога изложена на SKAJ ECC, според СПАК, успеала да инсталира лабораторија во Ќерет, но и помошни простории во Тирана.

СПАК смета дека нивото на соработка со странски шверцери, кои вршеле понатамошен транспорт на кокаинот е од високо ниво на организација што се вршело преку напредна технологија.

Поставувањето на лабораторијата во близина на аеродромот, оценува СПАК, е заради брз транспорт на кокаинот.

Контроли се вршени и во други градови, каде е пронајдена апаратура.

Откривањето на лабораторијата за кокаин во Ќерет, шефот на СПАК, Алтин Думани, го оцени како „клучен момент во борбата против организираниот криминал во Албанија”.

-Оваа истрага е јасен доказ дека СПАК е посветен на гонење и разбивање на криминални мрежи кои ја загрозуваат безбедноста и правдата во нашата земја. Досегашниот успех на оваа кривична постапка покажува дека меѓународната соработка и домашната експертиза се клучот за конкретни резултати, оценува Думани.