
Аферата што требаше да го тресе системот, дека премиерот, новинари и јавни личности биле жртви на незаконско прислушување сè повеќе се претвора во политичка фарса без конкретни докази. Случајот на Мицкоски не само што станува пример за институционална конфузија, туку и за селективна транспарентност, која поткопува довербата во власта и ги продлабочува сомнежите дека сè е само театар за дневно-политички поени.
Мицкоски зборува, Христовски релативизира, Димовски демантира
Клучниот проблем е што самата влада си противречи. Мицкоски тврди дека бил следен, но директорот на АНБ, Бојан Христовски, зборува за „оперативна обработка на таргетирани лица“, без да го наведе премиерот како цел на истрагата. Тоа отвора дилема: дали Мицкоски бил „колатерална комуникација“ во случај насочен кон трето лице, а сега го користи тоа како политички капитал?
Поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски вели дека премиерот никогаш не бил следен од агенцијата во времето кога бил во опозиција. Ако ова е точно, тогаш целата афера е изградена на ништо. Ако не е – зошто Мицкоски не бара обелоденување на вистината?
СДСМ бара: „Обелоденете ги документите“
Повикувајќи се на претходната пракса, кога беа објавени илјадници прислушувани разговори, СДСМ бара итна декласификација на документите поврзани со овој случај. Според Венко Филипче и партијата, тоа е единствениот начин да се запре „ловот на вештерки“ и манипулациите во кои државните институции се користат за кампањи и пресметки, а не за заштита на националната безбедност.
Тие укажуваат и на уште една важна димензија: ако некој бил следен – тогаш е скандал и треба да има одговорност. Ако никој не бил следен, тогаш е уште поголем скандал, затоа што се лаже јавноста и се злоупотребуваат службите. Во двата случаи, не може да се бега од вистината.
Стратегија на драма без епилог
Ова не е првпат премиерот да се впушти во спектакуларни тврдења. „Следење со дронови“, „странски компании што нуделе поткуп“, „планови за дестабилизација“ сè случаи кои тој лично ги објавуваше ама немаат никаков епилог веќе цела година. Во меѓувреме, институциите молчат, доказите не се објавуваат, а јавноста останува збунета и изморена.
Тоа е токму целта, според критичарите, постојано одвлекување на вниманието од реалните теми: економски пад, рекорден број скандали со именувања на нестручни кадри, застој во инвестициите и нефункционална администрација.
Рецепт од времето на Груевски
Во првата година на ВМРО-ДПМНЕ се наликува на времето пред 2017 година. Се повторуваат истите политички шаблони драматизација, обвинувања кон „невидливи непријатели“, контрола врз службите и вештачки создадени конфликти. Но денес, јавноста е многу посензибилизирана и сè помалку реагира на овие тактики.
Ако Мицкоски навистина верува дека бил мета на незаконско прислушување, треба прв да повика на декласификација и правна истрага. Ако не, тогаш оваа епизода ќе остане уште еден пример на спектакл без содржина. А Македонија нема луксуз да троши време на сценарија во кои вистината се држи заклучена само затоа што некому му одговара тоа.