
Многумина ќе се препознаат во чувството дека третиот понеделник во јануари е навистина тежок. Психолозите и експертите по ментално здравје велат дека тогаш се почувствуваат последиците од долготрајната зима и напорот од празничниот период, па затоа овој ден често го нарекуваат „најдепресивен во годината“ или едноставно Син понеделник. Идејата првпат се појавила во 2005 година кога психологот Клиф Арнал од Универзитетот во Кардиф создаде формула со која го пресметал третиот понеделник во јануари како ден со најголем потенцијал за лошо расположение. Според него, комбинацијата на ниска мотивација, лошо време, долгови по празниците и долгото време до следната плата ја прави средината на јануари особено тешка за многумина. Подоцна се појавија критики дека неговите пресметки всушност биле дел од ПР кампања, а Универзитетот се дистанцираше, но многумина стручњаци сè уште сметаат дека има барем делумна вистина во неговите тврдења.
Причините за ниското расположение во јануари се сосема логични. Декември е полн со социјални активности, семејни собири, патувања, богати оброци и новогодишни трошоци. Кога се враќаме во секојдневието, банкарските сметки се потенки, роковите и обврските на работа се нагомилани, а пред студентите се повторно испити и обврски. Дополнителен притисок создаваат и новогодишните одлуки, кои многумина веќе на половина месец ги заборавиле или се откажале од нив, создавајќи чувство на вина и незадоволство. Иако Синиот понеделник добил репутација на тежок ден, самиот Арнал истакнал дека целта никогаш не била да го прикаже негативно, туку да поттикне луѓето да размислуваат за важни животни одлуки и да преземат иницијатива. Постои и светла страна според неговите пресметки, во текот на годината има и ден кој се смета за најсреќен. Тој обично паѓа помеѓу 21 и 24 јуни, кога деновите се најдолги, времето е потопло, а расположението на луѓето е значително подобро.

