Skip to main content
Магазин

Зошто срцето забрзува по кафе и кога тоа треба да ве загрижи?

31/01/2026  23:00

За многумина кафето е дел од секојдневието, но кај одреден број луѓе по неговото консумирање се јавуваат забрзано чукање на срцето, немир и тремор. Иако ваквите симптоми знаат да изгледаат алармантно, кардиолозите велат дека најчесто станува збор за природна реакција на кофеинот. Кофеинот е стимуланс кој го зголемува нивото на адреналин во организмот, што резултира со побрз пулс, благ пораст на крвниот притисок и зголемена будност. Кај некои лица ова дејство е поизразено, особено кај оние со генетска чувствителност, срцеви проблеми или кај луѓе што користат одредени медикаменти.

Најсилни реакции често предизвикуваат енергетските пијалаци, поради комбинацијата од повеќе стимуланси. Кога по кафе ќе се појави забрзан пулс, лекарите советуваат смирување на организмот со едноставни мерки – пиење вода, миење на лицето со ладна вода, бавно и длабоко дишење или кратка прошетка. Овие активности помагаат телото побрзо да го намали вишокот адреналин. Иако во повеќето случаи симптомите се краткотрајни и безопасни, постојат ситуации кога треба веднаш да се побара лекарска помош. Болка во градите, вртоглавица, отежнато дишење или губење на свест може да укажуваат на посериозен проблем, особено кај лица со веќе постоечки срцеви заболувања. Кардиолозите нагласуваат дека превенцијата е клучна. Кафето не треба да се пие на празен желудник, ниту во големи количини и набрзина. Доколку симптомите се повторуваат, најдобро решение е намалување на внесот на кофеин или избор на безкофеинска алтернатива.