Skip to main content
Магазин

Зошто сè повеќе жени се повлекуваат од емотивно исцрпувачки врски?

23/02/2026  22:25

Во современите романтични односи, сè поголем број жени одлучуваат да стават точка на врските, не затоа што се откажале од љубовта, туку затоа што се изморени од улоги што никогаш свесно не ги избрале. Наместо рамноправно партнерство, велат тие, често се наоѓаат во позиција да ги контролираат сопствените чувства, да делуваат како терапевти и да бидат главен амортизер за стресот на партнерот.

Во таквите релации, многу жени сведочат дека постојано се „на штрек“. Нивните партнери тешко ги именуваат сопствените емоции, избегнуваат непријатни разговори, а кога врската ќе западне во криза, очекуваат некој друг да ги ослободи од чувството на вина, срам или фрустрација. Крајниот впечаток, велат тие, е дека вложуваат многу, а за возврат добиваат минимум.

Од друга страна, бројни мажи растат со порака дека ранливоста е дозволена исклучиво во рамките на љубовната врска – и тоа најчесто само пред партнерката. Разговорите за емоции со пријателите ретко се охрабруваат, па стресот и потиснатите чувства се акумулираат и директно се прелеваат во врската. Она што за мажите може да изгледа како вообичаен дел од партнерството, за жените често претставува товар што не сакаат да го носат.

Особено помладите генерации жени сè поретко прифаќаат да бидат потсетник, организатор, мотиватор и поддршка во кариерата на партнерот, како и негово „засолниште“ по секој тежок ден. Наместо импулсивно влегување во врска, тие поставуваат јасни граници и отворено се дистанцираат од динамика во која се чувствуваат како мајка и психолог во исто време. Дополнително разочарување предизвикува моментот кога од нив се очекува бескрајно разбирање, додека нивните сопствени барања се етикетираат како драматични или контролирачки.

Во меѓувреме, дел од мажите признаваат дека се чувствуваат изгубено и изолирано, под притисок на општествените очекувања за тоа како „треба“ да изгледа машкоста. Некои од нив решенија бараат во онлајн интерпретации на машкиот идентитет што ја величаат цврстината и ги третираат емоциите како слабост. Но ваквиот пристап, наместо да гради стабилни односи, често дополнително ги истрошува.

Експертите укажуваат дека излезот не е во повлекување од блискоста, туку во проширување на кругот на поддршка. Мажите, велат тие, треба да градат пријателства во кои ќе можат отворено да зборуваат за своите предизвици, без страв од потсмев или осуда. Романтичната врска може да биде простор за интимност и заеднички раст, но не и единствен канал низ кој ќе се испушта целиот насобран стрес.