
Ракот на белите дробови долго време се сметаше за болест на пушачите, но со оглед на тоа што употребата на тутун се намали во многу делови од светот, се појави вознемирувачки проблем: ракот на бели дробови кај луѓе кои никогаш не пушеле е во пораст. Овој вид рак ги погодува жените, особено оние од азиско потекло, и е почест во земјите од Источна Азија отколку во западните земји.
Истражувањето, објавено во списанието Nature, го водеа истражувачи од Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Диего и Националниот институт за рак (NCI), кој е дел од Националните институти за здравје (NIH).
„Забележуваме овој вознемирувачки тренд дека луѓето кои никогаш не пушеле почесто добиваат рак на белите дробови, но не разбравме зошто. Нашето истражување покажува дека загадувањето на воздухот е тесно поврзано со истите видови мутации на ДНК што обично ги поврзуваме со пушењето“, рече еден од авторите на студијата, Људмил Александров.
Марија Тереза Ланди, која е исто така еден од авторите на студијата, рече дека повеќето претходни студии за ракот на белите дробови не ги одделувале податоците од пушачите од непушачите, што го ограничувало увидот во потенцијалните причини за болеста.
„Ја дизајниравме студијата да собира податоци од луѓе кои никогаш не пушеле и да користиме геномика за да следиме кои изложености би можеле да ги предизвикаат овие видови на рак“, додаде таа.
Тимот анализирал рак на белите дробови кај 871 лице кое никогаш не пушело и живеело во 28 региони со различни нивоа на загадување на воздухот низ Африка, Азија, Европа и Северна Америка. Користејќи секвенционирање на целиот геном, истражувачите идентификувале различни модели на мутации на ДНК, познати како мутациски потписи.
Со комбинирање на овие геномски податоци со проценки на загадувањето, истражувачите биле во можност да ја проценат долгорочната изложеност на поединците на загадување на воздухот. Откриле дека луѓето кои никогаш не пушеле и живееле во позагадени средини имале значително повеќе мутации во нивните тумори на белите дробови, особено мутации-двигатели, кои директно го поттикнуваат развојот на ракот и мутациските потписи.
Покрај загадувањето на воздухот, идентификувале уште еден ризик: аристолохична киселина, канцерогена состојка што се наоѓа во одредени традиционални кинески хербални лекови. Специфичен мутациски потпис поврзан со аристолохичната киселина е пронајден речиси исклучиво кај случаи на рак на белите дробови кај Тајванци кои никогаш не пушеле.
„Ова покренува нови загрижености за тоа како традиционалните лекови можат ненамерно да го зголемат ризикот од рак“, рече Ланди.