
Официјални лица од Ватикан објаснија зошто поглаварот на Католичката црква не може да биде донатор на органи и по смртта, без разлика дали е регистриран како донатор или не.
Телото на папата Франциско утрово беше префрлено во базиликата Свети Петар за католичките верници да му оддадат последна почит пред погребот кој ќе се одржи во сабота во 10 часот. Јавноста ќе може да му оддаде почит на папата Франциско до петок.
Кога Ватикан беше домаќин на европската донација на органи во октомври 2014 година, папата Франциско го опиша чинот на донирање органи како „сведоштво за љубов кон ближниот“. Сепак, папата не може да биде донатор на органи и ќе биде погребан со сите органи што ги имал во моментот на неговата смрт. Дури и да одлучил да биде донатор на органи порано во животот, пред да биде избран за папа, таа одлука се поништува.
Иако многумина шпекулираат дека папата не може да биде донатор поради неговата возраст, вистинската причина излезе на виделина кога на чело на Католичката црква беше Бенедикт Шеснаесетти, за кој се знаеше дека има картичка за дарување органи. Еден лекар се залагаше за практиката папата да биде донатор на органи, за да послужи како пример, но Ватикан го замоли да престане и објасни дека Бенедикт Шеснаесетти всушност не би можел да ги донира своите органи доколку умре како Папа.
Бенедикт доброволно се пензионира во 2013 година, но додека тој сè уште беше поглавар на црквата, неговиот секретар, монсињор Георг Гаенсвајн, испрати писмо до докторот кое подоцна го објавија медиумите. Во писмото објаснува: „Точно е дека Папата поседува картичка за донирање органи, но спротивно на јавното мислење, картичката издадена во 1970-тите стана де факто неважечка со изборот на кардиналот за папа“.
Официјални лица на Ватикан објаснија дека кога папата ќе умре, неговото тело во целост и припаѓа на Црквата и мора да биде погребано недопрено. Според Ројтерс, официјалните лица додале дека органите на папата, доколку се донираат, ќе станат реликвии во други тела доколку покојниот Папа на крајот биде прогласен за светец.
Коментирајќи ја одлуката на Папата Бенедикт да стане донатор на органи, портпаролот на Ватикан Федерико Ломбарди тогаш рече: „Папата очигледно направи избор пред многу години. Како граѓанин можеше да ја донесе таа одлука, но сега има поинаква улога“.