
Забавниот парк „Зимзоленд“ вечерва е затворен за посетители, дознава 24 Инфо од свои извори. Според информациите, во текот на денот објектот бил затворен по интервенција на Министерството за внатрешни работи, во координација со Општина Аеродром.
По извршениот увид на терен од страна на МВР и општинските служби, биле повикани и екипи од Управата за јавни приходи (УЈП), Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Државниот пазарен инспекторат и Трудовиот инспекторат, кои извршиле дополнителни контроли.
Во изминатиот период во јавноста се отворија повеќе прашања поврзани со функционирањето на „Зимзоленд“, особено околу безбедноста на поставените содржини за посетителите, како и околу тоа дали организаторите располагале со соодветни дозволи за поставување и работа на забавниот парк.
Иако засега нема официјално соопштение од надлежните институции, извори за 24 Инфо тврдат дека токму утврдените неправилности се причината поради која објектот вечерва е затворен за посетители. Поради ваквиот развој на настаните, откажан е и најавениот настап на диџеј Тина.
Се очекува во текот на утрешниот ден надлежните институции да излезат со повеќе информации за случајот.
