Skip to main content
Македонија

Живи обичаите за Коледе и Бадник во штипско-овчеполскиот регион, лебот со паричка се крши на Бадниковата вечера

06/01/2026  09:55

Православните христијани се подготвуваат за чествувањето на Божик – Исусовото раѓање. Во штипскиот и овчеполскиот регион пред големиот христијански празник верниците се подготвуваат за Бадниковата вечер.

Вишиот кустос – етнолог во Музеј на град Штип и Заводот за заштита на споменици, Бети Иванова, која низ годините има истражувано на оваа тема, за МИА вели дека еден од најбогатите празници со обичаи во целиот новогодишен обреден комплекс, секaко е Бадник.

Таа додава дека овој празник т.е. денот пред Божик, кај народот, до пладне е познат како  Коледе, а од пладне до наредниот ден се нарекува Бадник. Во Штипско и Овчеполскиот регион, уште одвечер, спроти Коледе се палат огнови,околу кои се собираат коледари,а по полноќ ги обиколуваат куќите. Во овие поворки главно учествуваат деца.

– Подготовките  за Коледе почнувале една недела порано. Во минатото се собирало сусерка (вид на трева) потребна за потпалување на огнот. Секое маало си имало посебен оган и секоја дружина ги посетувала куќите од своето маало, а децата ги пеат коледарските песни „Кој спие нека стане, нека месе колачиња“, „Цуцул пасе говеда“ и други. За тоа се дарувани со колачиња, костени, јаболка, ореви, бадеми и со пари.  Денес карактеристично за Коледе, речиси во сите предели, се обредните поворки составени од деца коледари, вели Иванова.

Во разговорот за МИА, Иванова додава дека децата порано биле опремени со  коледашки – стапчиња кои на едниот крај завршуваат во чеперашка и со торбички преку рамо, а денес ретко кое дете носи коледашка. Но, сепак си носат торбички во кои си ги ставаат даровите од домаќините.

– Овие поворки вообичаено ги посетуваат домовите во раните утрински часови, но се среќаваат и во вечерните часови. Некаде до средината на 20 век, во некои предели, како коледари оделе само машки деца, а некаде оделе посебни групи – само машки или само женски деца. Денес коледарските поворки се од мешан состав и вообичаено се составени од деца на училишна возраст, додава таа.

Пред Божик, зад Божик, дека да си – дома да си

Бадник е вториот дел од празникот и е посветен на свеченостите во кругот на семејството. Според истражувањата на Иванова, се што се приготвува оваа вечер е за посна трпеза. Кај народот постои една поговорка, која и денес се употребува, а тоа е „Пред Божик, зад Божик, дека да си – дома да си“, што значи дека за Бадник и Божик, секој треба да си е дома, да биде присутен на големата семејна свеченост.

– Интересно е да кажеме дека посебно големо значење се придава на бадниковото дрво, односно денес бадниковото гранче, па се редат разни обичаи почнувајќи од сечењето на дрвото, носењето дома, палењето, се до прегорувањето на бадникот. Се ова има своја симболика, така со прегорувањето на бадниковото дрво се испраќа старата година и се она што било во неа, а започнува новата година со желби за добро здравје, среќа, бериќет и благосостојба на семејството, вели Иванова.

Домаќинките од Штипско-Овчеполскиот регион на посната вечера ставаат од се по нешто – или како што се вели „од се што дал Господ“. Пред вечерата се пали свеќа и се кани Господ. Лепчето со паричка се крши на два дела. Она што е во десната рака е за Бога, во левата се дели на сите во семејството, кај кого ќе се најде паричката тој ќе има среќа во годината. Трпезата од Бадник не се раскрева, бидејќи постои верување дека на тој начин ќе се „измете среќата“.

– Магиска моќ се давала и на јагленчињата што останале – ги користеле за лекување од уроци, а со кршењето на оревчињата се придавала уште една магиска моќ на предвидување на среќата во наредната година, додава Иванова.

Посочува дека Божик  во црковниот термин е раѓањето на Исус Христос, но во народниот календар има посебно место и се смета за важен празник во годината. На овој ден трпезата е свечена и полна со јадења кои се мрсни со што се завршуваат божиќните пости.  Другите два дена кои се празнуваат имаат колективен карактер – односно се посетуваат блиските со што се зајакнуваат семејните вредности.

Според повозрасните штипјани ова се денови кога се заборава злото и  се дава можност на  добрината. Денови  кога и најбедните треба да се сити, а утешни зборови да има и за најнесреќните. Бадниковата вечер треба да биде многу тивка и пријатна. Во кругот на семејството, сите заедно да бидат во исчекување за веста на Христовото раѓање. На овој ден не смее да има кавги и расправии во семејствата. Потребно е само да се дарува љубов и добра мисла. Низ годините на некој начин чествувањето се модифицирало, но, сепак, симболиката останала непроменета, односно дека Бадник е симбол на светлината и топлината во домот.