
Жителите на Кула Д во скопскиот луксузен комплекс „Џевахир“ алармираат за сериозен проблем со собирањето и одлагањето на отпадот во нивната зграда. Според нивните сведоштва, фирмата задолжена за одржување, „Хауз Мајстор Плус“, веќе четири дена не го изнесува ѓубрето до надворешните контејнери, туку го остава во заедничкиот ходник на ниво -1, простор што секојдневно го користат станарите.
„Во ходникот се натрупани големи количества смет, кој наместо да биде изнесен, се остава таму со денови. Просторот се претвори во внатрешна депонија,“ велат згрозените жители, кои доставија и фотографии и видео како доказ за состојбата.
Станарите предупредуваат дека ваквото непрописно и противзаконско постапување претставува сериозен ризик по здравјето и безбедноста на жителите, особено затоа што во кулата живеат стотици семејства, меѓу кои и деца.
„Ѓубрето од околу 400 станови го претворија ходникот во извор на зарази и неподнослива миризба. Стравуваме и од појава на глувци,“ додаваат тие, барајќи итна реакција од општинските и санитарните инспекции, како и од управата на комплексот.
Жителите најавуваат дека доколку проблемот не се реши во најбрз можен рок, ќе поднесат колективна претставка до надлежните институции и ќе побараат смена на управителот.
Извор: курир.мк

