
На 12 јуни (четврток), со почеток во 12:00 часот во кафе-книжарницата Буква во Скопје, ќе се одржи дебата и промоција на публикацијата „Ткаење солидарност – од раце до срце: осмислување на заедништвото преку женското кооперативно здружување”. Настанот е дел од програмата на фестивалот за феминистичка акција и култура ПРВО ПА ЖЕНСКО #13, кој оваа година тематски се фокусира на заедничкото дејствување, алтернативните економии и феминистичките одговори на системската нееднаквост.

Програмата ќе ги отвори прашањата поврзани со женските кооперативи – нивниот историски и современ контекст, предизвиците со кои се соочуваат, но и потенцијалот за создавање одржливи и солидарни заедници во Северна Македонија и регионот. Настанот ќе послужи како простор за презентација на првото истражување за женските кооперативи во земјава, со кое се поставува темелот за подлабинска анализа на можностите за нивно воспоставување, развивање и поддршка како феминистички и економски модели на здружување.
Во дискусијата ќе учествуваат истражувачки, активистки и практичарки од различни области:
- Лилјана Јоноски, докторандка по меѓународно право, извршна директорка на Рурална коалиција и ко-авторка на истражувањето, која речиси две децении работи на јакнење на жените од руралните средини;
- Неда Чаловска-Димовска, магистерка по меѓународно право и експертка за родова еднаквост и антидискриминација, со над 13 години искуство во поддршка на маргинализирани жени;
- Сара Миленковска, феминистичка организаторка и истражувачка од Коалиција Маргини, чии истражувања се фокусираат на колективната грижа како политичка практика и отпор кон неолибералната изолација;
- Ана Џокич, архитектка и ко-основачка на кооперативи за домување, енергетика и финансирање во Србија и Холандија, која практично ја реобмислува моќта на заедницата;
- Сузана Димитриевска, пионерка во органското земјоделство, со фарма што произведува и извезува органски производи, симбол на женско претприемништво и отпорност.
Настанот има за цел да иницира нови перспективи за развој на модели засновани на солидарност, доверба, грижа и социјална правда. Ќе се постават прашањата: Може ли женското кооперативно здружување да биде простор на ослободување? Дали кооперативноста е патот кон економска правда?
Присутните ќе имаат можност да слушнат и дискутираат за конкретни примери, практики и визии за иднина во која женската солидарност не е исклучок, туку основа за системска промена.
Настанот е отворен за јавноста и е особено релевантен за оние кои работат или се интересираат за родова еднаквост, алтернативни економски модели и градење заедници засновани на грижа.