
Жителка на италијанскиот град Реџо Емилија била изненадена кога во нејзиното сандаче пронашла плико со 50 евра и писмо со извинување.
Непознато лице и го оштетило автомобилот пред три години, а сега одлучило да ја контактира – на најнеочекуван начин.
Во пораката, напишана на невешт италијански јазик, јасно е дека станува збор за лице со странско потекло. Анонимниот маж признава дека го скршил ретровизорот на нејзиниот автомобил уште во 2021 година, но тогаш немал храброст – ниту пари – да ја обештети.
Сега, три години подоцна, ситуацијата се променила.
Имам работа. Работам како чистач и ви давам пари за ретровизорот. Жал ми е, напишал непознат маж во писмото кое предизвикало бура од емоции на социјалните мрежи.
Жената, сè уште во шок од трогателното извинување, вели дека сака да ја запознае личноста која покажала совест и храброст по толку долго време.
-Ме трогна. Немав поим дека некој некогаш ќе излезе во јавноста за тоа. Би сакала да знам кој е тој, изјави таа за локалните медиуми „Телереџо“ и „Реџоонлајн“.
Во време кога градот Реџо Емилија се соочува со зголемување на кражбите и вандализмот на возила, овој чин на чесност и човечност дојде како вистинско изненадување.
Поради честите случаи на оштетување на возила, градските власти неодамна издвоија средства за да им помогнат на возачите да ги покријат трошоците за поправки.
Токму затоа гестот на анонимниот човек предизвика уште поголемо почитување – бидејќи не бил принуден да плати, туку го направил тоа од лична потреба да исправи грешка.