Skip to main content
Магазин

Жена од Неготино за која се трагало: „Не сум исчезната, се премажив поради семејно насилство“

13/08/2025  22:48

Жена која тврди дека е В.А. (56) од неготинското село Војшанци, по која се трагаше од 28 јули, се обрати до редакцијата на „Вики Медиа“ со порака дека е жива, здрава и дека не била киднапирана, туку заминала од својот дом поради семејно насилство.

„Јас сум жива и здрава, не сум исчезната, туку се премажив“, изјавила В.А., објаснувајќи дека пред заминувањето му оставила писмо на сопругот во кое напишала каде оди, и не сфатила зошто тој ја пријавил во полиција за исчезната.

„Никој од убаво не бега. Трпев семејно насилство, слушав навреди и не можев повеќе да издржам, затоа заминав. Сега нема зошто повеќе да се кријам. Се преселив во Неготино, сакам да знаат медиумите и институциите дека сум добро“, додала таа.

На укажување од новинарите дека треба да ги извести и надлежните лица во ОВР Неготино, бидејќи сè уште се превземаат мерки за нејзино пронаоѓање, таа изјавила дека ќе го стори тоа и ќе се јави во полициската станица на разговор.

Од СВР Велес потврдија дека на 28 јули околу 03:00 часот, сопругот на В.А. пријавил дека таа се оддалечила од семејниот дом, по што биле преземени мерки за нејзино пронаоѓање. Десетина дена подоцна, на прашање од „Вики Медиа“ дали лицето е пронајдено, од СВР Велес одговориле дека акцијата е сè уште во тек и дека нови детали ќе бидат соопштени по нивно добивање.