Skip to main content
Македонија

Зголемен број млади со симптоми на труење по консумирање храна во сендвичарница во Штип

29/09/2025  16:35

Од Центарот за јавно здравје Штип потврдија дека бројот на средношколци кои се пожалиле на симптоми на труење поради консумирање храна од сендвичарница се зголемил на 15. Првично, вчера беа пријавени пет лица.

Епидемиологот Светлана Живкова изјави за ТВ Телма дека се земени примероци од храната за лабораториско испитување, како и брисеви од работните површини и од вработените. Резултатите се очекуваат најдоцна до утре и ќе бидат објавени од Институтот за јавно здравје.

„Направено е и епидемиолошко анкетирање на сите пријавени лица, а на вработените им била извршена едукација за начинот на спремање, складирање и чување на храната. Денеска ќе се изврши и дезинфекција по биолошки индикации и механичко чистење на објектот“, изјави Живкова.

Мајка на дете кое било примено на Инфективното одделение во штипската Клиничка болница изјавила дека симптомите се појавиле откако детето консумирало сендвич со пилешки стек и компири.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера соопшти дека привремено е затворена киоск-сендвичарницата и дека земени се примероци за лабораториско тестирање. Сендвичарницата ќе остане затворена сè додека не се добијат резултатите кои ќе ја потврдат нејзината безбедност.