
Научниците од Универзитетот во Атина кои ги следат земјотресите во близина на островот Санторини денеска објавија дека феноменот „постепено опаѓа“ речиси еден месец по почетокот на повеќекратните земјотреси.
Потресите, понекогаш регистрирани со само неколку минути, поттикнаа илјадници жители да ги напуштат градовите на Санторини, како и блиските острови Иос, Аморгос и Анафи, објави АП.
Училиштата на тие острови се затворени веќе четврта недела, а во сила се многу други ограничувања. Научниците сепак изјавија дека се охрабрени од најновите случувања.
„Сеизмичката активност продолжува да покажува постепен пад, како во однос на дневниот број на регистрирани земјотреси, така и во однос на максималните магнитуди“, соопшти Интердисциплинарниот комитет за управување со ризици и кризи при Универзитетот во Атина.
Активноста останува концентрирана во истата фокусна област без забележани нови микросеизмички скокови од 15 февруари, се вели во соопштението.
Комитетот објави дека меѓу 26 јануари и 22 февруари биле регистрирани повеќе од 20.000 земјотреси со јачина од еден или повеќе степени според Рихтеровата скала.
Повеќекратните земјотреси, кои се припишуваат на природните тектонски процеси, како и на движењето на магмата под морското дно, достигнаа јачина од 5,3 степени според Рихтеровата скала, но предизвикаа само мала материјална штета, пренесува Танјуг.
Градоначалникот на Санторини, Никос Зорзос, денеска изјави дека неколку илјади луѓе се вратиле на островот од крајот на минатата недела и ги повика властите да обезбедат поголема помош за справување со ризиците, вклучително и контрола на паѓањето на карпите и поставување и поправка на огради од ридот.