Skip to main content
Балкан

Земјоделците од цела Грција следната седмица ќе одржат дводневен протест во Атина

04/02/2026  19:40

Протест на 13 и 14 февруари во Атина, со трактори и земјоделски возила, одлучија да одржат земјоделците од цела Грција на состанокот што попладнево се одржа кај месноста Никеа во близина на Лариса, јави дописничката на МИА од Атина.

Земјоделците, кои речиси два месеци, во декември и јануари беа на патиштата и граничните премини, преку протестот во Атина, сакаат уште еднаш да ги истакнат нивните барања, за кои сметаат дека не се решени.

Претседателот на Федерацијата на земјоделски здруженија од Лариса Ризос Маврудас по денешниот состанокот рече дека било одлучено да се одржи „голем и масовен земјоделски протест во Атина со цел да ја убедат Владата да сфати дека битката ќе продолжи“ и дека нема да отстапат од нивните барања.

Паралелно ги повика земјоделците од цела Грција, со трактори, земјоделски возила, автобуси, траекти, возови да дојдат во грчката метропола, но и граѓаните од Атина да го поддржат на протестот.

Според првичните информации, земјоделците планираат да пристигнат в петок на 13 февруари, да останат и да преноќат во Атина на плоштадот Синтагма и да си заминат следниот ден, исто како што беше случај на ланскиот протест.

Кон крајот на февруари минатата година грчките земјоделци со над 150 трактори пристигнаа во Атина и во текот на ноќта останаа пред Парламентот.