Skip to main content
Економија

Земјоделците да ги наводнуваат културите, особено пролетните, окопните и индустриските, велат агрометеоролозите

20/07/2025  10:57

Земјоделските производители да ги наводнуваат културите, особено пролетните, окопните и индустриските, зашто високите температури значително влијаат на нивото на влагата во почвата, предупредуваат агрометеоролозите. Топлото време, посебно најавениот бран со над 40 степени што се најавува за претстојната недела ќе се одрази, велат, и врз повеќегодишните растенија кај кои резервите на вода и во подлабоките слоеви постојано се намалуваат.

Некои од овошките во овој период се во интензивен раст со појава на зрели плодови, а некои се во фаза на берба. Како што објаснуваат агрометеоролозите, сончевото и топло време беше поволно за зреење на црешата, вишната и некои типови зеленчук. Одредени житни култури се во последната фаза од животниот циклус – созревање, која е, исто така, мошне значајна. 

-Потребите за вода кај сите земјоделски култури се големи и перманентни. Земјоделското производство има потреба од нови, пообилни врнежи дожд кои би ја зголемиле влагата во почвата. Во следните денови под влијание на топла воздушна маса од југ, времето ќе биде многу топло. Дневната температура насекаде ќе биде над 30 сатепени, а наместа се очекува да надмине и 40 степени. Во петок попладне и во вечерните часови ќе има локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, а пад на температурата за неколку степени се очекува во деновите од викендот кога ќе дува умерен до засилен северен ветер. Овие температури ќе влијаат негативно врз земјоделските култури со тоа што доаѓа до интензивна евапотранспирација, при што почвата брзо се суши и поизразено ја губи почвената влага. Земјоделците треба да продолжат со грижата за посевите и со изведувањето работи во поле, со наводнување, уништување на плевелите, заштита од појава и развој на болести и штетници, редовно следење и примена на други агротехнички мерки, нагласуваат агрометеоролозите од УХМР.