Skip to main content
Свет

Зеленски: Путин чувствува неказнивост

05/06/2025  11:55

Украинскиот претседател Володимир Зеленски одговори на објавата на американскиот претседател Доналд Трамп на социјалните мрежи во врска со неговиот разговор со рускиот лидер Владимир Путин.

– Многумина разговараа со Русија на различни нивоа. Но, ниту еден од овие разговори не донесе сигурен мир, па дури ниту ја запре војната. За жал, Путин чувствува неказнивост. Дури и по сите ужасни напади на Русија, тој наводно подготвува уште таканаречени „одговори“, се вели во објавата.

– Тоа значи дека со секој нов напад, со секое одложување на дипломатијата, Русија му покажува среден прст на целиот свет – на сите оние кои сè уште се двоумат да го засилат притисокот врз неа, истакна украинскиот претседател.

Според него, „токму Русија треба да бара мир“.

– Во Москва мора да почнат да чувствуваат дека војната има цена, висока цена, а највисоката треба да ја плати агресорот, продолжи тој.

Зеленски истакна дека од почетокот на 2025 година, руската армија извршила напади врз Украина користејќи речиси 27.700 воздушни бомби, околу 11.200 „Шахеди“ и 9.000 ударни дронови од други видови, како и над 700 проектили, вклучително и балистички.

– Ова е темпото на руските напади, и тие намерно го поставија ова темпо од првите денови на војната. Русија ја реструктурираше целата своја држава, општество и економија за да може да убива луѓе во други земји масовно и со неказнивост, додаде украинскиот претседател.

Тој истакна дека, ако светот реагира слабо на заканите на Путин, тој тоа го толкува како подготвеност да се замижува пред неговите акции.

– Кога тој не чувствува сила и притисок, туку наместо тоа чувствува слабост, секогаш извршува нови злосторства. Тој таквиот став го гледа како премолчена дозвола: дозвола за нови злосторства, нови напади, нови убиства, наведе Зеленски.

Тој уште еднаш им се заблагодари на сите во светот кои се обидуваат да стават крај на војната и да ги запрат руските напади, на сите „кои му кажуваат на убиецот дека ќе биде одговорен“.

– Русија мора да го врати мирот. И денес, на Денот на сеќавање на украинските деца убиени во руската агресија, ги потсетуваме моќните во овој свет на фактите. Ако моќните не го запрат Путин, тоа значи дека тие споделуваат одговорност со него. А ако сакаат да го запрат но не можат, тогаш Путин повеќе нема да ги гледа како моќни, заклучи Зеленски.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера телефонски разговараше со рускиот лидер Владимир Путин, особено за украинските напади врз руските аеродроми, нарекувајќи го разговорот „добар“, но не и таков што би довел до моментален мир.