Skip to main content
Свет

Зеленски по телефонски разговор со Венс: Украина ќе работи на ниво на советници за развој на мировен план

21/11/2025  21:31

Украинскиот претседател Володимир Зеленски по телефонскиот разговор со потпретседателот на САД Џеј Ди Венс изјави дека неговата земја со нетрпение очекува да започне заедничка работа со САД и Европа на ниво на советници за развој на план за завршување на војната со Русија.

„Се договоривме заедно со САД и Европа да работиме на ниво на советници за национална безбедност за да го пронајдеме патот кон вистински траен мир“, напиша Зеленски по повикот, кој траеше околу еден час.

-Украина отсекогаш ја почитувала и продолжува да ја почитува желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да го прекине крвопролевањето и позитивно гледаме на секој реалистичен предлог, додаде украинскиот лидер.

Во меѓувреме, американски функционер изјави дека Трамп работи и со Киев и со Москва за да се заврши војната „што е можно поскоро“. Американскиот претседател „работи со двете страни за да се заврши оваа војна што е можно побрзо, која траеше предолго и однесе премногу бесмислени жртви“, рече функционерот.