Skip to main content
Свет

Зеленски ја отфрли идејата на Путин за средба во Москва: Тој „може да дојде во Киев“

06/09/2025  12:36

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја отфрли идејата на Владимир Путин за билатерална средба во Москва објави Укринформ, повикувајќи се на интервју што Зеленски го даде за американскиот телевизиски канал ABC News.

„Тој може да дојде во Киев. Не можам да одам во Москва кога мојата земја е под ракетни напади, под напади секој ден. Не можам да одам во главниот град на овој терорист“, рече Зеленски.

Претседателот нагласи дека предлогот на Путин бил повеќе обид за одложување на средбата отколку искрен повик за дијалог. Сепак, тој е подготвен да се сретне во која било форма, но само ако средбата не ја загрозува Украина.

„Ако некој не сака да се сретне за време на војна, може да понуди нешто што не би било прифатливо за мене или за другите“, додаде Зеленски, додавајќи дека Путин „си игра со САД“.

Претходно, Путин изјави дека е подготвен да се сретне со Зеленски и дека Москва е најдобро место за можна средба меѓу двајцата лидери, што веднаш беше одбиено од украинскиот претседател.