
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска преку нивниот советник во Град Скопје, Марјан Калевски, поднесе иницијатива за забрана на огномет на територијата на градот.
– Огнометите ослободуваат огромни количини ПM 2,5 и ПM 10, токсични гасови и тешки метали кои загадуваат почвата, воздухот и водата. Последиците директно ги погодуваат најранливите групи: децата, бремените жени, лицата со астма, ХОББ и кардиоваскуларни заболувања. Научните студии покажуваат значителни скокови во загадувањето на воздухот и водата по огномети, со сериозни ефекти врз дивиот свет и луѓето, велат од „Зелен хуман град“.
Тие додаваат дека бучавата и светлината предизвикуваат анксиозност, панични напади, флешбекови кај лица со ПТСД, сензорен колапс кај лица со аутизам и ризик од епилептични напади.
– Речиси 70-75% од домашните миленици доживуваат страв, тресење и паника, а кај дивите животни се документирани масовни повреди и смрт. Кај животните огнометите предизвикуваат висок стрес, дезориентација, бегство и смрт, додаваат од таму. Иницијативата напоменува дека Законот за заштита од експлозивни материи веќе предвидува забрана за употреба без дозвола, но законите често не се почитуваат. Ги повикуваме сите советнички групи во Советот на Град Скопје да ја поддржат иницијативата. Да покажат дека здравјето на луѓето и животните, на најранливите жители на Скопје, ни е на прво место на сите, велат од „Зелен хуман град“.
