Skip to main content
Македонија

„Здрава котлина“ излегува на протест поради загадувањето

09/02/2026  16:09

Кружниот тек кај Поштата во Струмица утре, 10 февруари, од 13 часот ќе биде местото каде екоактивистите од граѓанската иницијатива „Здрава котлина“ ќе ја започнат новата блокада, како израз на револт поради состојбите со аерозагадувањето во градот.

Од организацијата прашуваат дали надлежните институции имаат одговор за густиот чад што деновиве беше забележан над Струмица, посочувајќи дека станува збор за појава која, според нив, не може да остане незабележана.

„Чадот беше јасно видлив и очигледно потекнуваше од поголем извор во јужниот дел на градот. Се поставуваат клучни прашања – што се горело, од каде потекнува чадот и кој ќе сноси одговорност?“, наведуваат од „Здрава котлина“.

Екоактивистите оценуваат дека и покрај досегашните активности на МВР и инспекциските служби, загадувањето продолжува, додавајќи дека јавноста заслужува јасни одговори и конкретни мерки.

Во најавата за протестот се потенцира дека бараат транспарентност од институциите и итни чекори за подобрување на квалитетот на воздухот, нагласувајќи дека загадувањето е проблем што ги засега сите граѓани.

Пред десетина дена, истата иницијатива организираше протест на кој беше побарана примена на принципот „Нема филтер – нема бизнис“, односно забрана за работа на индустриски капацитети без соодветни филтри. Меѓу барањата се и намалување на аерозагадувањето под националниот просек, зголемување на средствата за животна средина во општинскиот буџет за 2026 година, спроведување на анализи од акредитирана лабораторија и поставување нови мерни станици во градот.

Дополнително, активистите бараат подобра опременост на локалниот инспекторат, набавка на професионална опрема за мерење, дрон за детекција на загадување, ангажирање нови инспектори и редовно објавување на извештаи од контролите, како и ревизија на еколошките дозволи на индустриските капацитети.